Говор на директорот Ирфан Асани по повод завршените активности на Проектот за

Почитуван г-дин амбасадор г-дин Жбогар,

Почитуван министер за транспорт и врски г-дин Сугарески,

Екселенции,

Почитувани членови на конзорциумот од консултанти и нивни претставници,

Дами и господа,

Ми претставува голема чест да Ви се обратам денес, како директор на Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура - Скопје.

Би сакал да ја изразам мојата благодарност до Делегацијата на Европската Унија во Скопје и конзорциумот на проектантот предводен од шпанската компанија Типса за организирање на овој настан во врска со завршените активности на Проектот за "Детален проект и тендерска документација за изградба на Новата железничка делница Кичево - граница со Република Албанија како дел од македонскиот Коридор VIII ".

Како мал вовед, железничката пруга по Коридорот VIII низ територијата на Република Македонија опфаќа околу 315 km железничка пруга. Трасата на оваа линија се протега на правец исток-запад на Балканскиот полуостров, од пристаништето Бургас во Република Бугарија, поминува низ територијата на Република Македонија и завршува во пристаништето Драч - Република Албанија. Железничката врска се прекинува во два потега меѓу Република Албанија и Република Македонија (железничка пруга во должина од околу 63 km) и помеѓу Република Македонија и Република Бугарија (околу 55 km). Недостатокот на овие врски претставува пречка за развој на размена, не само меѓу соседните земји, туку и со регионот во Источна Европа.

Специфичните активности наменети за комплетирање на железничката мрежа во Коридорот VIII започнаа во 2009 година, со изработка на проектна документација за железничката врска што недостасува меѓу Република Македонија и Република Албанија. Во согласност со меѓународниот тендер, консултантска компанија беше ангажирана да ги подготви потребните студии и финален проект. Согласно договорот потпишан со консултантот, физибилити студија, заедно со идејниот проект, анализата на трошоците и добивките и студијата за оцена на влијанието врз животната средина за овој дел беа завршени до крајот на 2010 година и беа ревидирани и одобрени од страна на релевантните власти на почетокот на 2011 година.

Подрачјата кои се однесуваат на новата планирана железничка линија се наоѓаат во западниот дел во нашата земја, почнувајќи од постојната железничка станица Кичево, се протегаат на новите предвидени стојалишта Брждани, Пресека, Издеглавје, новите станици Мешеишта и Струга и новото последно предвидено стојалиште Радожда, во близина на границата со Република Албанија

.Главно, активностите на консултантот беа поделени и успешно завршени во три клучни области:

  1. Подготовка на детален проект вклучувајќи цртежи, извештаи за пресметка, извештаи за геодетски податоци, технички спецификации за градежни работи, предмер и пресметка, проценка на трошоците и досие за експропријација. Деталниот проект ќе се изведува за железничката траса, земјени работи, градежни објекти (тунели, мостови, надвозници, подвозници, пропусти, потпорни ѕидови, патни премини итн.), железнички станици, горен строј, електрификаци, телекомуникациска и сигнална опрема.



  1. Подготовка на целосно тендерско досие за договор за градежни работи, вклучувајќи документи за претквалификација, документи за понуди, критериуми за оценка на понудите од фазата на претквалификација и тендерска документација за сите тендерски понуди на проектот во согласност со релевантните регулативи во земјата, стандардите на ЕУ и правилата на FIDIC за имплементација на градежните работи.



  1. Подготовка на тендерско досие за услуги на надзор на договорот за градежни работи и индикативен буџет за договорот за услуги на надзор, во согласност со релевантните регулативи во земјата, стандардите на ЕУ и правилата на FIDIC.

Верувам дека консултантот ќе ни даде подетални информации и податоци во нивната презентација подоцна.

Дополнително, целите на Процесот на соработка во Југоисточна Европа(ПСЈИЕ), формиран од 11 земји, се однесуваат на координација и развој на транспортот во земјите-учесници и забрзување на развојот на железничката мрежа со високи перформанси во регионот на Југоисточна Европа. Развојот на оваа мрежа, вклучувајќи ја и изградбата на железничката пруга Кичево - граница со Република Албанија, ќе понуди висококвалитетен железнички превоз, поконкурентен со другите начини на транспорт.

Дами и господа,

Како што знаете од 2011 година, како менаџер на железничката инфраструктура, заедно со Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и нашите партнери меѓу меѓународните финансиски институции, како што е ЕУ преку ИПА фондовите и WBIF, ЕБОР и други донатори, заеднички започнавме ера на реновирање и рехабилитација на постоечката железничка инфраструктура на делниците на Коридорот X и гранката Xd и изградба на нова железничка инфраструктура на Коридорот VIII (до Бугарија) во Република Македонија.

Во тој контекст, покрај овој проект, би сакал да ги наведам и останатите проекти финансирани од ИПА фондовите и кои се успешно имплементирани заедно со нашите партнери од ЕУ:

  • Подготовка на детален проект и студии за реконструкција и ремонт на железничката делница Битола – Кременица како дел од Коридорот Х – гранка Xd, како и средства за реконструкција и ремонт

  • Подготовка на детален проект и студии за реконструкција и ремонт на железничката делница Куманово - Дељадровце

  • Подготовка на идеен проект и студии за изградба на двоколосечна пруга Драчево – Велес

  • Подготовка на детален проект и студии за изградба на железничката делница Крива Паланка – граница со Република Бугарија како фаза 3 од Коридорот VIII

  • Реконструкција и модернизација на 10 железнички станици по должината на Коридорот X, вклучувајќи ја и гранката Xd

  • Реконструкција и модернизација на железничката станица во Скопје

Ова е важен чекор, кој ни даде успешна рамка за нашата соработка во однос на развојот и надградбата на железничкиот систем, која очекувам да ја развиваме понатаму со нашите вредни партнери. Важно е да не го заборавиме значењето на овие врски и односи и постојано да ги одржуваме кон заеднички економски и социјален напредок

Во врска со ова, би сакал да ја нагласам нашата посветеност и сериозност за успешно спроведување и завршување на претстојните проекти како и досега, со цел да ги задоволиме сите барања на професионален, прецизен и навремен начин и да ги осигураме нашите партнери во ЕУ дека ние ќе продолжиме да работиме на ист начин ориентирани кон успешна имплементација на проектите и добра соработка и комуникација со сите партнери и засегнати страни.

Верувам дека имаме цврста основа што треба да ја унапредуваме: докажани иницијативи кои ни овозможија да ја зајакнеме соработката на различни нивоа, да ја поттикнеме мобилноста на луѓето и стоката и да најдеме заеднички јазик за модернизација и унапредување на железничкиот инфраструктурен систем во Република Македонија. Овие проекти ги здружуваат нашите власти и заедници – даваат придонес кон нашите општества во целост преку поттикнување на нови пристапи кои го движат економскиот раст и социјалниот развој во проектната област.

Убеден сум дека преку проекти како овој, односите меѓу ЕУ и Република Македонија ќе станат уште посилни и Република Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ во блиска иднина, што е една од нашите стратешки цели како земја .

Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Делегацијата на ЕУ и на сите засегнати страни, нивните претставници и вработените за нивната напорна работа и посветеност на овој проект, кој ја комплетира првата фаза во целокупната имплементација на проектот, како и другите проекти што ги наведов претходно.


Ви благодарам многу за вниманието.



ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG