УПАТСТВО ЗА НАЧИНОТ НА ПОСТАПУВАЊЕ НА МИНИСТЕРСТВАТА, ДРУГИТЕ ОРГАНИ НА ДРЖАВНАТА УПРАВА И УПРАВНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА ВРЕМЕ НА ИЗБОРНИОТ ПР

УПАТСТВО

ЗА НАЧИНОТ НА ПОСТАПУВАЊЕ НА МИНИСТЕРСТВАТА, ДРУГИТЕ ОРГАНИ НА
ДРЖАВНАТА УПРАВА И УПРАВНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА ВРЕМЕ НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС



Член 1

Со ова упатство се утврдуваат насоките за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации (во натамошниот текст: државните органи), на функционерите кои раководат со државните органи, како и на вработените во државните органи за време на спроведување на парламентарни, претседателски и локални избори од денот на нивното распишување па се до нивното завршување согласно закон (во натамошниот текст: изборниот процес).

Член 2

За време на изборниот процес согласно Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, не може:


да се започнува изградба со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно биле обезбедени средства од Буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;

да се исплаќаат плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори и

да се започнува постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки да се стават во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.


Член 3

За време на изборниот процес согласно Изборниот законик во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен да се дава јавна изјава од страна на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.


Член 4

За време на изборниот процес согласно Изборниот законик, од страна на Министерството за финансии сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, се објавуваат јавно на интернет страна во лосебна база за буџетски трошоци во изборен период, а две недели по распишувањето на изборите се поднесува предизборен финансиски извештај со кој се опфаќа преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот кој се објавува на неговата веб страна.

Член 5

За време на изборниот процес функционерите кои раководат со државен орган не можат да ги користат информациите со кои се здобиле при вршење на нивната функција за нивна лична корист, ниту како средство за да им се даде нефер предност, односно настаните од изборната кампања не треба да се мешаат со државните работи.

Член 6

За време на изборниот процес функционерите кои раководат со државен орган не смеат да влијаат врз вработените во државниот орган, ниту да вршат притисок во насока истите директно да учествуваат во изборни активности или други јавни настани од таков карактер во текот на работното време.

За време на изборниот процес функционерите кои раководат со државен орган не смеат да вршат притисок или да преземаат активност за било какви закани врз вработените во државните органи по однос на нивното вработување и социјална сигурност, да вршат или да се обидат да вршат притисок и заплашување на членовите на нивното семејство или на нивни блиски лица, ниту да ги подржуваат во изборниот процес.


Член 7

За време на изборниот процес вработените на државните органи во текот работното време не можат да учествуваат во изборни активности или други јавни настани од таков карактер, ниту во просториите на државниот орган во текот на работното време да вршат партиски активности, да одржуваат состаноци и средби во функција на спроведување на изборната кампања или да истакнуваат партиски симболи во работните простории, ниту да ја наметнуваат својата политичка определба на друг.


Член 8

Во случај на непостапување и неспроведување на насоките утврдени со ова упатство од страна на функционерите кои раководат со државните органи и вработените во државните органи, тоа може да преставува основ за преземање на мерки, санкции и казни утврдени со закон за такви случаи.


Член 9

Ова упатство соодветно ќе се применува и на јавните претпријатија, јавните установи и други правни лица основани од државата.




Член 10

Ова упатство влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.





Бр. 44-5765/1

ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА

12 септември 2017 година

МАКЕДОНИЈА

С к о п ј е



м-р Радмила Шекеринска-Јанковска




ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG