Интервју на директорот на МЖ-Инфраструктура Ирфан Асани за МИА

Скопје, 15 октомври 2014 (МИА) - Каква е состојбата на македонските пруги од аспект на обезбедени услови за побрзо движење на возовите и безбедност? 

Генерално состојбата на пругите била различна, во смисла на тоа што до 2011 година на пругите не се работело речиси ништо за одржување и поголеми поправки. Од моето доаѓање почнавме активно да реализираме акциски планови за санација на пругите и ставање во функција за брзина од 120 километри на час на ниво на Коридор 10, единствениот кој поврзува повеќе држави преку Македонија и им овозможува поврзување со Солунското пристаниште. Обновата воглавно се одвиваше во две насоки. Преку грантови и кредити од ЕБОР и со пари преку Програмата на Владата на РМ за одржување на железничката инфраструктура опфатени се три делници, Куманово – Табановце, Миравци – Смоквица и Демир Капија – Неготино или Градско-Неготино. Првите две делници се веќе завршени, а се работи интензивно на третата делница за обезбедување на проектираната брзина од 120 километри на час. Втората работа е она што е направено со капацитетите на МЖ Инфратсруктура. Имавме над 30 црни точки, кои 40 години не биле санирани. Почнавме со средување на поприоритетните, како што се големите мостови, мостот кај Демир Капија, пред Кичево и други, но и со останатите црни точки за да се подигне нивото на сообраќајот. Денес освен тој дел на Коридор 10 каде се работи, останатото овозможува проток на возови со брзина од 120 километри на час. Другиот аспект за подобрување на состојбата за побезбеден транспорт на стоки и патници се инвестициите во одржувањето на сигнално сигурносните системи на вкрстувањето на железницата со патиштата. Такви легални вкрстувања во Македонија има над 230. Ги делиме на три нивоа, од прво ниво каде циркулираат повеќе од 200.000 возила, се околу 90, со звучен и сигнален дел и рампи, полурампи, браници и полубраници. Премините од второ ниво каде движењето е од 50.000 до 200.000 возила се осигурани со сигнален и звучен систем. На премините од трето ниво се движеат не повеќе од 50.000 возила годишно, а таму се ставаат Андреин крст и знаци за приближување кон железничката инфраструктрура. МЖ опремата ја поставува согласно законските прописи, што значи дека ние се грижиме за сите елементи што значат вкрстување на патен премин со железница во делот на тој кружниот појас. Надвор од тоа знаците за информирање за приближување кон железничка инфраструктура, во зависност од карактерот на патот, ги постававаат или ЈП за државни патишта или општините. Согласно Законот, одржувањето на тие патни премини 50 проценти го врши МЖ Инфраструктура, а 50 проценти треба да се врши или Јавното претпријатие или општините. Ние почнавме една акција веќе година и половина со општините и ЈП, но тие одбиваат да се вклучат кон исполнување на законските обврски. Би сакал да ги замолам да се вклучат интензивно и да почнат разговори со нас да ги примениме законските обврски за да имаме побезбедни патни премини.

Се соочувате ли се уште со кражби и оштетување на инфраструктурата?

Вo последно време имаме намалување на кражбите и ошетувањето на железничката инфраструктура и тоа се базира на две факти. Едната е тоа што МЖ Инфраструктура имплементираше проект за видеомониторирање на пругите и на местата што беа мета на крадците и второ промените во правилниците и законите што Владата и Министерството за екологија ги применуваат за тоа што и како се продава на црниот пазар од вид на метал и тн. Тоа многу помогна заради тоа што МЖ Инфраструктура има различни елементи од железо, бакар и други кои исто така имаат жиг или на секој од нив пишува МЖ или МЖ Инфраструктура, зависно колку се стари и од тие чести контроли од пазарните инспекции да кажам во државата заради тие рестрикции во тие правилници и закони се помала е можноста тие да се продаваат на црн пазар. Исто така, има неколку решени случии од полицијата бидејќи имаме снимка на луѓе како крадат и како демолираат дел од инфраструктурата. Имаше година каде што кражбите беа на ниво од повеќе од милион евра што подразбира дека тоа што се крадело на црн пазар вредело многу малку. Но треба да се има предвид и дека во некои од тие елементи што се крадат има различен вид сензори и други работи коишто се исто така многу скапи да се набавуваат. Од друга страна тие се продавале по кило или грам што разликата за нас е повеќе од милион евра, а за тие што ги користеа тие да кажеме на црна продажба била многу мал затоа што се вреднувале како да кажеме како метал за обработка. 

Во изминатиот период бевме сведоци на неколку сообраќајни незгоди на премините, кај вкрстувањето на патните правци со пругите. Што се презема на тој план во однос на подигање на јавната свест ?

Ние почнавме кампања која беше во насока на подигнување на свеста на луѓето што користат премини. Кампањата беше фокусирана на два дела. Првиот дел беше објаснувањето на луѓето дека се работи за систем каде што шинските возила имаат предност на поминување пред останатите, а вториот да бидат внимателни особено во моменти кога сигурносно-сигналните системи функционираат и кажуваат доаѓање на воз. За жал имаше повеќе случаи и оваа година, но повеќе со последица материјална штета. Но имаше и случаи за жал во кои имаше жртви. Како МЖ Инфраструктура цело време сме фокусирани на сите системи кои функционираат на легалните патни премини, ги одржуваме и имаме 24 часовно мониторирање. Системот ни кажува кога некој систем може да откаже, но ако системот откаже имаме внатрешен правилник, со кој во последната железничка станица се најавува дека патниот премин на тој дел има дефект. Тогаш се преминува односно се постапува согласно правилниците, тие се стари повеќе од 200 години, не се од денес направени. Значи ако не функционира патен премин и знаеме дека не функционира се почнува со обезбедување на тој патен премин што пак значи дека кога возот ќе стигне до него стопира, осигурува, бидејќи добива такви информации од кај нас, по што се продолжува. Сакам да истакнам дека може да се појават моменти кога од различни причини, истраеност, откажување на некој дел или кражба или вандализам како што имаше случаи што веќе ги објавивме, може системот во патниот премин да не функционира, но тоа не значи дека поминувањето таму не е сигурно. Ве уверувам дека и во тој случај поминувањето на патниот премин е уште побезбедно од кога е таму системот заради тоа што ние си вршиме контрола и сообраќајот на тој дел се одвива согласно правилникот што е многу дециден. Од тој аспект ние не сме загрижени, туку загриженоста е од дивите патни премини, кои ги користат луѓето нелегално, а ние не сме во можност да имплементираме сигурносни системи. Такви премини има околу 200. Ние имаме илјада километри железница и никогаш неможе да се знае кои земјоделци каде поминуваат пруга заради нивни потреби. Има и општини што граделе асфалтен пат до пругата без да разговараат со нас, како што имавме случај со општина Гостивар пред некоја година. Општината изградила пат до железничката пруга и продолжила со тој пат од другата страна на пругата без согласност од кај нас, со што ги изложувале луѓето на ризици и можело да дојде до големи несреќи. 

Како се одвива проектот за обнова и изградба на железницата долж Коридорот 8 за поврзување со Бугарија и Албанија?

Кридорот 8 со години наназад претставува голем интерес за Македонија поради поврзувањето со Црно Море, да речеме Турција како дел од Европа и Азија, и преку Албанија до Јадранското Море. За моја среќа тука дојдов во момент кога се работеше интензивно, а патната и железничката инфраструктура и сообраќај се приоритет на Владата. Почнавме активно со доизградба и рехабилитација на постоечкото од инфраструктурата, со цел поврзување на нашата држава од двете страни. Едниот дел го вклучува Куманово-Белјаковце-Крива Паланка-граница со Бугарија, а другиот продолжување на Кридор 8 од Кичево до Лин, граница со Албанија. За таа цел реализирани се многу средби на ниво на држави со Бугарија и со Албанија и заеднички е одлучено да се стави во функција овој Коридор. По многу процедури почнавме со работите на делот Куманово-Белјаковце финансиран од ЕБОР. Во тек е изведбениот проект за втората делница Белјаковце-Крива Паланка, а многу бргу ќе имаме почнување на процедурите за главниот изведбен проект од Крива Паланка до границата со Бугарија. Градежните активности на делот од Куманово до Белјаковце се одиваат според предвиденото темпо, таму имаме санација на некои постоечки објекти кои ги дозволуваат пропишаните стандарди во главниот проект, имаме и некои што ќе бидат уништени и ќе се градат нови. До септември 2017 година делот од Куманово до Белјаковце ќе биде во функција. Паралелно со тоа веќе сме во преговори со ЕБОР за финансирање и на втората делница. Финансирањето ќе биде преку кредит од ЕБОР со износ од 145 милиони евра, износ што е предвиден согласно главниот проект. Се надевам дека до крајот на годината ќе имаме повик за преквалификација на компаниите што ќе бидат заинтересирани за учество во изградбата на овој дел. Паралелно со тоа, како што кажав, се работи и на документацијата за третата делница и се разговара и со бугарската страна од каде се подготвени со нивни средства да го довршат преостанатиот дел кај нив. Од друга страна Коридорот 8 не би бил целосен додека не се поврзаме со Албанија, со Јонското Море и Јадранското Море. За таа цел преку ИПА компонентата најдовме заеднички јазик за финансирање на главниот изведбен проект. Процедурите завршија, потпишавме договор за изработка на главниот проект со конзорциумот од шпанската фирма „Типса“ и француската „Луи Берже“ која од овој месец ќе почне со работа. Во рок од 22 месеци треба да го завршат проектот, исто така и првиот дел од каде што се почнува со експропорцијата, и вториот дел завршување на дизајнот и почнување постапка за објавување повик за заинтересираните фирми за изградба. Нормално во меѓувреме ние активно ќе учествуваме во разговори за финансирање на дел преку ИПА компонентата и ќе видиме и што ќе одлучи Владата односно која финансиска компилација ќе биде прифатлива за Владата за да можеме да почнеме да го градиме и тој дел. Нашите очекувања се дека најдоцна во 2022 година да имаме воз на релација Софија-Тирана. Градежните работи за делот со Албанија треба да почне по планираните 22 месеци за проектот и за пред квалификациската фаза за фирма изведувач. Тоа се нашите очекувања, но нормално дека процесите зависат и од експропорцијата на земјиштето затоа што тој дел ќе се гради одеднаш. Досегашните проценки се дека изградбата ќе чини околу 400 милиони евра, во развојната програма на Владата се предвидени околу 350 милиони евра , но во зависност од тоа што ќе покажат параметрите од главниот проект ќе можеме да имаме јасна слика колку пари би биле потребни за ставање во функција на тој дел.

Во тек е проект за обнова на железничките станици. До каде се активностите?

За жал имаме железнички станици надвор од градовите кои се сосема непристапни за луѓето како што е станицата во Куманово односно железничкиот транспорт не им е лесно пристапен и нема функционалност. Состојбата на станиците е таква каква што ја знаеме сите. Дел од станиците ги рехабилитиравме со наши средства и сега се во подобра функција. Друг дел од станици се уништени и чекаат подобри времиња. На изградба и обнова моментно се работи на Железничката станица во Скопје за полесен пристап на луѓето кон пероните и информативните системи и многу други елементи. Треба да почне и санацијата на десет станици долж Коридор 10, финансирано преку ИПА. Во тек е постапката за избор на фирми кои ќе работат на обновата, а скопската станица е во понапредна фаза. Се зависи од евалуацијата, но ние сметаме дека до крајот на годината ќе успееме фирмите изведувачи да почнат со подготвителни работи бидејќи треба да се има предвид дека доаѓа зима.

Како се одвива најавениот проект за обнова на железничката пруга Битола-Кременица со изградба на крак до индустриската зона во Жабани? 

Таму постои пруга која е многу стара. Преку ИПА програмата успеавме да обезбедивме средства во висина од над 20 милиони евра за изградба и надзор. Работите за почеток на реконструкција на таа делница очекуваме да почнат пред Нова година. Деновиве SFSD заедно со Комисијата за евалуација работат на евалуација на последните понуди од фирмите и сметам дека многу бргу ќе се знае фирмата изведувач по што ќе се пристапи кон имплементација на тој проект, што ќе го имплементира МЖ во соработка со надзорот и фирмата изведувач. Конечно ќе имаме пруга која ќе ги задоволува условите и ќе биде на исто ниво како пругата од грчка страна. За почнување на работите имаше потреба од голема помош од страна на Грчките железници. Со директорот на Грчките железници имавме неколку средби, тој беше во посета кај нас и ние бевме во Грција. Тие од нивна страна ќе адаптираат и ќе градат нов дел од станицата во Кавказ, каде ќе имаме сместување на заедничките служби за примопредавање на возови. Исто така, гледаме можност царината да биде вклучена со заеднички простории во тој дел на страната на Грција, бидејќи на граничниот премин во Гевгелија каде имаме поврзување на Коридорот 10 со Грција сите работи се вршат на наша страна. Користам прилика да му се заблагодарам на грчкиот колега за помошта за се што придонесоа за ставање во функција и на другиот граничен премин преку Битола до Кременица. Во овој дел од Битола до Кременица ќе има поврзување и на железнички крак до индустриската зона Жабани. Тоа за зоната и од аспект на економско оправданост ќе значи многу затоа што ќе има директен пристап до железничката инфраструктура и поврзување преку грчката страна до пристаништето до Солун. Проектот е изработен и влегува во посточекиот проект. Градежните работи треба да бидат на крајот на годината но треба да се земат предвид и временските услови.

Има ли анализа за потенцијалот и обемот на транспорт на тој дел?

Коридор 10 е многу функционален коридор, а за делот Битола-Кременица како крак од тој коридор треба да видиме затоа што во соработка со ЕЛЕМ правиме проекти за поврзување на РЕК Осломеј и РЕК Битола со железницата. Најверојатно ќе се пристапи кон некои изведбени проекти за поврзување и тогаш би имале сосема различна слика колку би се користел тој дел. А втор елемент што е многу важен е што моментно има забрана за делување на други оператори што значи влошување на условите за фирмите кои би ја користеле нашата инфраструктура. Во момент кога правиме нови пруги направивме грешка со затворање на пазарот за железничките компании. Секој ден се надевам дека тоа ќе се промени затоа што ќе биде голем импут за МЖ Инфраструктура, а исто така и за МЖ Транспорт затоа што сметам дека влезот на други оператори нема да значи намалување на транспортот на луѓе и стока од нивна страна. 

Лидија Велковска МИА

 

ИНФО
Информации за цената на железничките карти може да се добие на адреса:
е-маил: mztransportad@mt.net.mk
Телефон: 2449-212
ПАРТНЕРИ
EUROFIMA
RNE
UIC
CER
SERG